Омаж за Игор Маџиров

Изминаа 26 години од заминувањето на Игор Маџиров 🖤⚘️😪 Тој беше вистински принц од бајките. Знаејќи дека повеќе не е меѓу нас, не беше лесно да се создаде омаж за ова златно, чудесно, црвенокосо момче со златно срце од светот на бајките - актер кој преку своите улоги во истоимената серија, како и во бројни детски телевизиски проекти и претстави, со леснотија ги освојуваше срцата на публиката. Малиот Петар, Сиромавиот Ладо, Рувен, Принцот, Могли - детето од џунглата - и безброј други ликови останаа длабоко врежани во сеќавањата на нашата публика, а особено кај најмладите, за кои тој твореше со најголема посветеност. Секогаш топлото и насмеано лице на Игор, кое ветуваше блескава актерска иднина, трагично згасна во триесеттата година од неговиот живот. Само осум часа по одигрувањето на неговата последна претстава „Убавицата и ѕверот“, згасна младиот живот на Игор. Сцената без него повеќе не е иста. Младата публика остана без својот принц од бајките. Игор беше брат на светски познатиот, а наш македонски музичар Зоран Маџиров, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа на 9 мај 2017 година. Во својот актерски век Игор Маџиров најмногу соработуваше со режисерот Миле Грозданоски, со кого го реализираше најголемиот дел од серијалот „Во светот на бајките“, по чии епизоди остана најпрепознатлив. На сцената често му беше партнер легендарниот Ѓорѓи Колозов - меѓу нив постоеше особена, речиси магична сценска хемија. Игор останува запаметен и по впечатливата сцена со Раде Шербеџија во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Нека му е вечна слава и Бог да го прости. Текст и автор на омажот: Горан Марковски